Сител дознава: Подготвени протоколите за учениците, како ќе се оди на училиште во септември?

0
20

Со задолжително носење на маски, мерење на температура и дезинфекција пред влез, од септември сите основци и средношколци ќе се вратат во училишните клупи. За превенција во објектите ќе бидат забранети секакви контакти за поздравување и меѓу вработените и меѓу наставниците а редари постојано ќе демнат дали се почитуваат мерките. Неофицијално ова е дел од протоколот за учебната година кој треба да биде на дневен ред на следниот состанок на Комисијата за заразни болести. Не смее да има мешање на ученици од различни паралелки а тоа ќе важи и за кабинетската настава каде просторијата по излегувањето на едната група ученици ќе мора да биде дезинфицирана пред да влезе другата. Под посебен надзор ќе бидат и училишните трпезарии и фискултурните сали во кои  во исто време може да биде само едно одделение. Често проветрување и чистење на просториите како и избегнување на уредите за климатизација и вентилација ќе бидат дел од обврските за училишата. За министерката Царовска ова е најпосакуваното сценарио за сите, но доколку има влошување на ситуацијата има уште две опции за настава.

– Сите во Владата, сакаме учебната година да започне со физичко присуство, но системот за образование е подготвен за три сценарија: првото е целосно отворање на училиштата, согласно протоколите здравствени, за сите одделенија и сите години. Тоа е најпосакуваното сценарио за сите нас. Другото е да имаме дел од учениците со физичко присуство, од прво до четврто одделение, останатите да одат онлајн. Имаме и трето сценарио кое укажува дека можеби во не толку критична состојба за целосно затворање, да имаме поделба во групи, една недела една група ученици, друга недела друга група. За сите три сценарија Министерството за образование и наука ќе биде подготвено од 1-ви септември, изјави Мила Царовска, министер за образование.

Истото мислење како Царовска го дели и првиот човек во здравството кој вели дека се ќе зависи од епидемиолошката состојба.

– Имаме протоколи ако ситуацијата е стабилна, но и резервни протоколи на кои работевме доколку има потреба, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Ланската учебна година почна со еден месец задоцнување и со физичко присуство беа само учениците од прво до трето одделение а останатите учеа он лајн.

Што се однесува до епидемиолошката состојба, во моментот во 16 градови во државата нема ниту еден активен случај на Ковид-19 а во лабораториите дневно регистрираат многу мал број на новозаразени.