Македонија се уште гори, пожарот во општина Сарај никако да се угасне

0
20

Утрово беа активни седум пожари, а од напладне гори на две локации. Пожарот во селата Раовиќ и Буковиќ во општина Сарај никако да се изгасне. Поради тешко пристапниот терен во гаснењето, се планира да се вклучи и армиски хеликоптер. И денеска гори во прилепско.

Активен е и пожарот во атарите на села Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп. Гори кракот од село Ракле кон село Крстец и се проширува кон местото викано Фаришки лозја. Тоа е во кавадаречко, а тој терен таму е недостапен и е многу тешко да се гаси пожарот од земја – изјави Илија Бојаровски, ЦУК.

За само месец и половина во земјава избувнале 106 шумски пожари. Најкритично беше во Берово, Пехчево и Делчево. Во пожарите изгореа десетина објекти, меѓу кои стари куќи, штали. А во Кочни и покриви на куќи. Директорот на Центарот за урпавување со кризи, Стојанче Ангелов, им се заблагдари на сите кои учествуваа во гаснењето на пожарите, вклучувајќи ја и странската помош. Според него, полицијата помогнала и со превенирање, со откривање на случаи на подметнати пожари, со што спречиле големи шумски пожари. Досега се потврдени три подметнатни пожари во Кочани.

Граѓаните значително повеќе внимаваат и не се појавуваат често како ненамерен фактор за појава на пожари. Воедно, со овие активности беше поттикната и целосна забрана за движење во шуми, мерка којашто истотака помогна за намалување на бројот на пожарите и мерка којашто неколку дена ја разгледуваме и доколку состојбата е стабилна истата ќе побараме од страна на Национални Шуми да биде тргната или да биде намалена, односно движењето во шуми да биде само со дозвола. Во овој момент е целосно забрането – рече Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Ангелов отворено кажа дека пожарите ги покажаа слабостите на подготвеноста. Ќе се спрема план за реформи, за да се постави единствен систем за управување со кризи. А, за обесштетување на граѓаните, секоја општина ќе прави проценка на штетите. Инаку, при пожарот во селото Челопек каде до темел изгоре куќа, полицијата и натаму е во координација со обвинител и трага по 60 годишна жена, за која нејзиниот животен сопатник тврдеше дека влегла во куќата додека горела. Од жената нема ниту траг ниту глас и се води како исчезната.