Заев: Најавени се нови странски инвестиции во Штип, Кичево и Скопје, со вкупен обем од над 54 милиони евра

0
18

Расте бројот на инвестиции каде се отвораат нови добро платени работни места со нето-плата која е над просечната. Глобалните компании ја препознаваат Северна Македонија како поволна дестинација за вложување на својот капитал, наведува во објава на Фејсбук, премиерот Заев.

„Само неделава што изминa, имав можност да ги посетам и да се запознам со инвестициските планови на мултинационалната Телеперформанс каде работат 350 наши сограѓани, претежно помлади лица во просек од 28 години, со просечна нето-плата од 700 евра како и со Филип Морис Интернешнал кој најави нови 50 вработувања“, вели Заев

Тој издвојува дека за турската компанија Текнопанел, Северна Македонија е прва инвестициска дестинација надвор од матичната земја. Станува збор за еден од најголемите извозници во Турција на листата Топ 500 водечки индустриски компании во земјата, со 5 фабрики во Турција, над 450 вработени и извезува во 89 земји во Азија, Европа и Америка, вели Заев. Производството во Северна Македонија стартува во 2022 година, се отвораат 120 нови работни места со просечна плата над 33.500 денари.

„Дополнително најавени се нови странски инвестиции во Штип, Кичево и Скопје, со вкупен обем од над 54 милиони евра.

Вкупниот извоз во првите осум месеци во зоните достигна 2,04 милијарди евра, што е за над 50% повеќе во однос на истиот период лани, односно над 11% во споредба со 2019 и речиси 32% повеќе од 2018 година.“, стои во објавата од премиерот Зоран Заев.