(ФОТО) Фолксваген го претставил возилото на иднината – роботски OnePod

0
66

Германскиот автомобилски гигант се приклучи на растечката група на производители кои ја гледаат урбаната мобилност на иднината преку автономни повеќенаменски електрични возила.

Дали на таксистите ќе се гледа како на професија која постоела во минатото?
Многу светски автомобилски компании, но и ИТ гиганти, веруваат дека самоуправувачките електрични автомобили треба да бидат во сржта на урбаната мобилност во наредните децении.

Сега им се придружи Фолксваген, кој на настанот “DRIVE. Volkswagen Group Forum” го претставил концептот на автономна роботика наречен OnePod.

Неговата главна цел е да го направи автономното возило достапно на барање.
Концептот е сличен на некои веќе видени, како оној што го користеше лутиот ривал на Фолксваген, Тојота, на Олимпијадата во Токио.

Фолксваген вели дека OnePod може да има повеќекратна употреба – ќе се користи како автономно такси за превоз до четири патници, потоа како семејно возило или возило за лица со попреченост и, генерално, за превоз на разни социјални категории, како што се деца и постарите. Луѓе, кои инаку не можат сами да се движат низ градот.
OnePod се карактеризира со големи стаклени површини, кои овозможуваат непречен поглед на патниците кон околината, така што употребата на такви возила може да се прошири и на туристичкиот сектор.

Големите дигитални екрани во внатрешноста им ги даваат на патниците сите потребни информации, додека практичноста на возилото се покажува преку опцијата за спуштање или подигнување на кабината, што може автоматски да ја прилагоди висината на тротоарите во градовите, што е многу важно за корисниците на инвалидски колички и мајки со мали деца. Дополнително, до OnePod се пристапува преку широка лизгачка врата, што го прави пристапот до патничкиот простор многу полесен.
Инаку, овој концепт е дизајниран во Центарот за развој и дизајн на Фолксваген во Потсдам, а јавноста ќе може да го види до 31. декември 2021. година во Берлин на изложбата Go.City – The Future of Urban Mobility.