БЕСА си замина од Владата

0
21

Од денеска, Владата има еден министер и двајца заменици министри помалку. Движењето БЕСА и формално си замина од Владата. Оставки си поднесоа: единствениот министер од оваа партија во кабинетот на Заев, Аријанид Хоџа кој го водеше ресорот земјоделство, и двајцата заменици министри за култура и за образование.

Причината за оставката Хоџа ја лоцираше во ДУИ. Објасни дека не е загрозена евроатлантската иднина на земјата, туку демократијата, и дека главен виновник е ДУИ, која треба да се реформира одејќи во опозиција.

А оваа владеачка партија порача дека вчера, со пропаѓањето на иницијативата за недоверба на Владата, на која беа потпишани и пратениците на БЕСА, победил евроатлантскиот дух на државата. Синоќа,вицепремиерот Артан Груби побара извинување од Мицкоски, Села, Касами и Хоџа за стресот што им го предизвикале на граѓаните. Не сакаше да го коментира составот на парламентарното мнозинство и можното влегување на Алтернатива наместо БЕСА во Владата.

Нешто пред полноќ, собраниската седница за недоверба во Владата беше затворена без гласање, откако ВМРО ДПМНЕ, Алијанса и Левица не обезбедија 61 глас. Владата на Заев „преживеа“, но не може да продолжи да функционира со поддршка од само 59 пратеници. Се очекува 60-от да биде Кастриот Реџепи од БЕСА, а да се придружат и пратеници од Алтернатива. Додека се чека партиските тела да донесат одлуки, премиерот треба да размислува за реконструкција, а пред се, да ја увери јавноста дека мнозинството пратеници ја поддржува Владата. Без тоа – нема Влада, нема буџет, нема проодност за ниту еден закон во Собранието.