ФОТО – Дали има понечист град од Тетово?

0
41

Дали има повалкан град од Тетово се прашуваат граѓаните, откако месецов снегот се истопи, а срамот односно сметот се појави на површина, калта и прашината од јавните места неизмиена и неизметена со месеци се таложи секојдневно. Остатоци од хартија, амбалажа од разни производи, парчиња мебел може да се забележат по јавните површини. Во најкатастрофална состојба се наоѓа месната заедница Борис Кидрич, каде речиси никогаш не се мијат улиците и тротоарите, иако се едни од најфрекфрентните. Но, и сликата на самиот градски плоштад не е подобра.

-Се е до свеста на населението ,но и тоа население треба да се доведе во ред, односно да има поголема контрола и казни за тие што го загадуваат и валкаат градот, а во меѓувреме да се чисти постојано. Не само да се дига сметот од контејнерите, туку и да се чисти под нив, не само да се собира еднаш во десет дена сметот, туку повеќе пати, но и прашината и калта да се чисти. Мора да има поголема хигиена, ако сакаме и почист град и почист воздух. Кога се движиме по тротоари голтаме прашина. Штетните ПМ честички се високи, очигледно е тоа веќе, тие не мора ни да се мерат, а сето тоа е поради нередовното миење на улиците и тротоарите, а некои и воопшто не се мијат, вели една жителка на на Тетово од месната заедница Борис Кидрич.

Од Општина Тетово за Телма одговорија дека со подобрување на временските услови, ќе се зголемат активностите за почист град.

-Во врска со чистење на улиците и тротоарите, Секторот за комунална хигиена при ЈКП Тетово, врз основа на Планот за одржување на јавна чистота за 2022 година, предвидува редовно чистење на сите улици, вклучувајќи ги и бул.Благоја Тоска и ул.Борис Кидрич. Со подобрување на временските услови, ќе се зголемат и активностите од страна на Сектор за комунална хигиена, за да имаме почист град, истакнаа од Општина Тетово

Инаку Тетово и деновиве е на врвот по зголемена аерозагаденост, особено во утринските и вечерните часови, кога концетрацијата на ПМ 10 честичките е за неколку пати повисока од дозволените граници.

Текст и фото Телма Телевизија