„Не им давајте пари на децата-питачи, завршуваат кај шефовите“

0
23

19.000 деца не одат на училиште
1.500 се фантоми
5.000 питачат
50 се наркозависници

Речиси 19 илјади деца не одат на училиште, 1.500 се фантоми или не се евидентирани во системот на државата. Над 5.000 секојдневно питачат низ земјава, а 50 деца се регистрирани како зависници од дрога.

Овие поразителни податоци ги објави невладината организација „Градиме иднина“ од каде велат дека за злоупотребата на детскиот труд ниту една влада досега не најде соодветно решение. Граѓанските активисти порачуваат ако на децата-питачи ќе им се даде некој денар, со тоа не им се прави добро, затоа што најчесто тие пари завршуваат кај нивните шефови, а не за храна.

„Престанете да им да им давате финансиска помош. Државата е должна да го реши овој горлив проблем. Откако ќе се прекрати давањето, подавањето рака кон таа категорија со побрзи чекори ќе се реши и ќе се отстранат од познатите локации каде питачат“, вели Илија Јовановиќ „Градиме иднина“.

Поранешниот боксер Вели Мумин, официјален поддржувач на иницијативата, вели дека еднаш засекогаш мора да се тргнат децата од улиците. Нивната злоупотреба е на повеќе полиња. Ги повика институциите сериозно да се фатат за работа, бидејќи ситуацијата е алармантна.

„Тие деца утре ќе бидат проблем на ова општество, ќе почнат да крадат, да прават бељи. Ние треба да ги извлечеме од улиците, да им дадеме едукација“, рече Вели Мумин – поранешен боксер.

Надлежните велат дека Македонија има национална стратегија за решавање на овој проблем, а посебни тимови работеле на заштита на децата и вклучување во системот. Но, реалноста е сосема друга, вистинска реткост е да се помине покрај некој семафор, а таму да нема деца питачи.

Алсатм