СО ДЕКЛАРАЦИЈА ОД 8 ТОЧКИ ВМРО-ДПМНЕ ОД СОБРАНИЕТО БАРА ЗАШТИТА НА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

0
36

ВМРО-ДПМНЕ бара 150 годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев да се одбележува цела година, а неговото наследство преку декларација да го заштитат пратениците во Собранието.

Декларацијата содржи 8 точки со кои се бара афирмација на наследството, интегрирање во програмата на медиумите, барање за издавање на поштенска марка, а  Министерството за образование и наука во текот на 2022 година, да преземе активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на оваа личност од македонската историја.

Од  најголемата опозициска партија  во собранието ги повикаа сите партии да гласаат и да ја поддржат.

За  пратеничката група на СДСМ потегот на ВМРО-ДПМНЕ е популизам.

– Доколку ВМРО ДПМНЕ навистина беше загрижено за Гоце Делчев требаше да го вклучи во резолуцијата во Собранието околу црвените линии. Овде очигледно станува збор за обичен популизам зависно од темата на денот ја креираат нивната политичка агенда. Како одговорна и државничка партија ќе ја разгледаме декларацијата и ќе се произнесеме.

Шефот на државата Пендаровски пак со сличен став. Нема потреба од нова декларација бидејќи во собранието веќе имаше една.

За декларацијата дополнително ќе се произнесат и партиите од албанскиот блок откако претходно ќе ја видат.

Декларацијата ќе биде испратена и до Владата, Институтот за национална историја, МАНУ, и Музејот на македонската борба. Истата ќе биде објавена и во Службен весник.