Гир: Состојбата во Украина ја потенцира важноста за европската перспектива на Северна Македонија

0
22

Амбасадорот на Европската унија во Скопје, Дејвид Гир одговорајќи на новинарски прашања по средбата со тетовскиот градоначалник Билал Касами истакна дека воената состојба во Украина повеќе ја потенцира важноста за ЕУ перспективите на Северна Македонија отколку што негативно влијае на почетокот на преговорите за членство.

Тој повтори дека и Албанија и Северна Македонија ги имаат исполнето условите за почнување на преговорите, а Европска унија сака да види што поскоро отворање на преговорите, со пофалба  и на напорите на владите на Северна Македонија и на Бугарија за решавање на отворените билатерални прашања.

-Во никој случај војната состојба во Украина не значи дека има некаков удел врз вашата земја, туку напротив тоа само ни ја потенцира важноста од страна на Европската унија да ја нагласи европската перспектива на земјата која всушност е најдобрата надеж, најдобрата идна перспектива, која дава сигурност, перспектива која дава просперитет во рамки на еден демократски систем како што е самата ЕУ. На никој начин тоа нема удел врз состојбата или иднината на вашата земја, всушност ЕУ со одлучност работи на перспективата на вашата земја за што побрзо и поскорешно пристапување што би било проследено со спроведените реформи, изјави Гир.

На новинарското прашање за состојбите во судството, Гир рече дека согласно извештајот на Европската комисија има прогрес, но и уште многу работа треба да се заврши.

-Европската комисија објавува годишен извештај и се осврнува на сите сфери. За правосудство е направен прогрес, но се уште треба да се направат важни чекори во оваа сфера, не чека долг пат во оваа насока. Единствена промена која треба да се промени е кога самата јавност ќе биде убедена дека изграден е професионален и независен правосуден систем. Тоа ќе одземе малку време, луѓето треба да видат судски одлуки кои ќе бидат независни и професионални и да го видат самото судството во акција, додаде Гир.