ГЕНОЦИД ВО МАРИУПОЛ-САТЕЛИТСКИ СНИМКИ ПРИКАЖУВААТ МАСОВНИ ГРОБНИЦИ: Градоначалникот бара итна евакуација на 100.000 луѓе

0
22

Украинските власти тврдат дека идентификувале масовни гробници надвор од градот Мариупол, што според нив е дополнителен доказ за руските воени злосторства врз украинските цивили.

Тврдењето е поткрепено со фотографии собрани и анализирани од американската компанија за сателитски снимки Maxar Technologies, кои покажуваат повеќе од 200 нови гробници во Манхуш, град  на околу 19 километри западно од Мариупол. Официјални лица проценуваат дека околу 100.000 луѓе остануваат заробени во Мариупол, кој е под постојано бомбардирање откако беше опколен од руските сили на 1-ви март.

Украинските власти тврдат и дека повеќе од 20.000 луѓе во градот биле убиени за време на нападот. Во изјавата на Телеграм, Петро Андриушченко, советник на градоначалникот на Мариупол, рече дека руски камиони собрале тела од пристанишниот град пред да ги „фрлат“ во Манхуш.

– Ова е директен доказ за воени злосторства и обиди за нивно прикривање – рече Андруишченко.

Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко денеска повторно побара „целосна евакуација“ од овој јужен украински град, за кој рускиот претседател Владимир Путин рече дека сега е под контрола на руските сили.

– Ни треба само едно – целосна евакуација на населението. Во Мариупол остануваат околу 100.000 луѓе – изјави Бојченко на националната телевизија.

Претходно вицепремиерката Ирина Верешчук изјави дека Украина не се обидува да воспостави хуманитарни коридори за евакуација на цивили поради опасноста.