Петровска од тетовската касарна – Секој војник пред сè – приоритет во работата на Министерството за одбрана

0
34

Министерката за одбрана Славјанка Петровска придружувана од началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ја посети касарната „Кузман Јосифовски –Питу“ во Тетово каде што претпоставените старешини ја информираа за условите за работа на припадниците на Армијата и нивните тековни активности.

За време на посетата министерката Петровска се информираше за потребите на војниците и старешините и можноста за решавање на предизвиците што им се појавуваат во секојдневниот војнички живот и работа.

По реферирањето од страна на надлежниот командант на касарната во Тетово, потполковник Игор Станковски, министерката за одбрана Петровска потенцираше дека во работата на Министерството за одбрана приоритет е секој војник и неговите потреби за извршување на задачите со цел остварување на предвидените планови за исполнување на мисиите и задачите на Армијата со посебен фокус на поддршка на цивилните власти и граѓаните во справувањето со закани и ризици од природни катастрофи и справувањето со кризи.

Петровска изврши увид во борбената готовност на единицата во касарната, како и нивната обученост и подготвеност за извршување на задачите. Со обиколката на тетовската касарна и објектите на Попова Шапка од страна на министерката Петровска и началникот генерал Ѓурчиновски беа согледани нивните капацитети, функционалноста и условите за живот и работа во нив, како и за идна рекреакција и спроведување на плановите за обука во нив. Притоа, од страна на министерката Петровска беше искажана благодарност до војниците и старешините за посветеноста во извршувањето на поставените задачи и обврски.

Во рамки на посетата на гарнизонот, министерката беше информирана за прашања поврзани со функционирањето на службата, од нормативно-правна природа и актуелни прашања од интерес на Армијата во Тетово, како и на објектот на Попова Шапка за што ќе се вложат напори предвидениот проект да биде целосно завршен.