ЕКОНОМСКАТА НЕСИГУРНОСТ ПРИЧИНА ЗА КОРУПЦИЈА ВО ОНЛАЈН МЕДИУМИТЕ

0
27

Новинарите кои се сопственици или вработени во онлајн медиумите од Полошкиот регион имаа можност да се запознаат со Презентација на наоди од истражување за перцепција од корупција во онлајн медиумите.

Истражувањето беше направено преку интервјуа со 28 испитаници, селектирани по случаен избор, а го спроведе консултантската куќа ДеСо на барање на Советот за етика во медиумите, во рамките на проектот на УСАИДза граѓанско учество.

Истражувањето зборува дека постои висок степен на корупција во онлајн медиумите. Нискиот економски стандард и борбата за опстанок на медиумите се наведуваат како едни од главните причини за присуството на корупција во онлајн медиумите.

Во услови на сиромаштија, медиумот е принуден да преживува и поради тоа може да биде поподложен на корупција. Кај новинарите, како причина за пoјава на корупција се ниските примања, но и лошите работни услови, додека кај сопствениците и уредниците е недостигот на редовни финасии за медиумот, но и тенденција за поврзување соцентрите на моќ.

Учесниците во анкетата исто така ги посочуваат политичките партии како една од главните причини за корупција во онлајн медиумите, а исто така беше наведено дека и општата нефункционалност на системот спаѓа меѓу главните причини поради кои се јавува корупција во онлајн медиуми.

Една од алатките во борба против корупција во онлајн медиумите е и воспоставениот Регистар на професионални онлајн медиуми, но тука не се влезени сите онлајн медиуми.

„Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) донесе став Комисијата за жалби да постапува и по однос на жалби кои не се однесуваат на медиуми – членки на Регистарот на професионални медиуми. За тие кои се членки на Регистарот ќе се носи одлука, додека за останатите ќе се дава мислење. Целта е да се зајакне саморегулацијата и да се одговори на жалбите на граѓаните“, истакна Лилјана Пецова – Илиеска, извршна директорка на СЕММ.

„Корупцијата во медиумите е светски проблем, за кој треба гласно да се зборува. Таа во медиумите е сеприсутна. Мора да се работи на изнаоѓање на начини за нејзинонамалување и искоренување. Саморегулацијата сепак сметам дека е најдобриот начин,ниту една друга земја нема изнајдено друг модел“, истакна Горан Лефков, модератор на дебатата.

Како еден од поодржливите предлози за борба со корупцијата во онлајн медиумите изнесен од страна учесниците на оваа дебата е формирање на т.н. Независен национален фонд за медиуми, кон кој пристап би имале сите медиуми на транспарентен и правичен начин. При постоењето на таков фонд, медиумите би можеле да понудат предлози и да добијат средства за да создадат квалитетна содржина.Во С. Македонија, постојат околу 150 – 200 домашни дигитални медиуми.