МОН му ја одзеде надлежноста на Касами за именување на директор во тетовската гимназијата

0
77

Министерството за образование и наука (МОН), ги одзеде ингеренциите на општина Тетово, за разрешување и именување на директор на средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Според Министерството за образование, причина за одземање на надлежностите во времетраење од 12 месеци е незаконското разрешување на поранешната директорка на оваа образовна установа, и неукинувањето на решението, по препорака на Инспекторатот.

И покрај мерките и преземените активности од страна на Инспекторатот не е обезбедено вршење на работите утврдени со закон. Утврдено е дека градоначалникот без претходна постапка како што бара законот го разрешил директорот и именувал вршител на должност. Инспекторатот го известил градоначалникот на општината за незаконската постапка“, наведуваат од МОН.

Со реакција излезе градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, кој одлуката на Министерството ја оценува како политички реваншизам, особено во пресрет на изборите за Советот на општината. Касами рече дека одлуката за разрешување на директорката ја донел по препорака на Советот на училиштето.

“Одлуката за разрешување на директорката на гимназијата ја донесов врз основа на предлог на училишниот совет, со што Законот за средно образование ме обврзува да постапам во рок од 15 дена по барање на училишниот совет и врз основа на ревизорскиот извештај каде што се констатирани голем број финансиски недоследности и злоупотреби со кои е оштетен училишниот буџет. Оваа одлука не може да се смета ништо друго освен како продолжување на одмаздничката политика кон граѓаните на Тетово, само затоа што оваа општина не е под управа на сегашната власт“, рече Касами.

Општина Тетово на почетокот на мај годинава донесе решение за разрешување на директорката на гимназијата Теута Лала. Тогаш Лала најави жалба до органите на правдата за одлуката донесена од училишниот совет, која ја одобри градоначалникот на општината Билал Касами.