НАМЕСТО СОВРЕМЕН СИСТЕМ ЗА ПРЕТОВАР НА СМЕТ, ОГРОМНА ДИВА ДЕПОНИЈА КАЈ ТЕТОВСКО ФАЛИШЕ

0
33

Илјадници тони отпад на претоварната станица за смет кај тетовско Фалише. Сметот како и досега се одлага без никакви стандарди. Општинските власти велат дека проблемот ќе биде решен во рамки на регионалниот систем за управување со отпад, кој предвидува изградба на нови станици за смет, но и современа техничка опрема за комуналното претпријатие.

На само неколку километри од Тетово, на плодна површина, опкружена со ниви, а во близина реката Вардар. Станицата за претовар на сметот, со години еколошка бомба за околината.

Наместо современ систем за претовар, таа е огромна дива депонија, со планини од отпад кој директно се истура на земја, пред да се однесе во регионалната депонија Русино. Страдаат почвата, подземните води, воздухот.

Не е подобра состојбата и во Тетово. Мини диви депонии, се честа слика особено околу контејнерите.

Од Општина Тетово, велат дека преку регионалниот систем за управување со отпад, на чие воспоставување работи Министерството за животна средина, со пари од Европската банка за обнова и развој, ќе се изградат современи претоварни станици.

Комуналното претпријатие ќе добие модерна механизација за собирање на смет, а ќе се анажираат и дополнителни работници за чистење на градот, во соработка со месните заедници

Регионалниот систем за управување со отпад, предвидува и работа на регионалните депонии по сите европски стандарди и чистење на сите диви депонии во полошко.