Новинарската етика настрада меѓу првите во Ерата на инфлуенсерите

Пишува Жарко Настоски

Отвореноста на духот и бескомпромисноста во борбата за откривање на вистината и во чувањето на јавниот интерес, до релативно скоро беа меѓу основните предуслови за некој да биде новинар. Имаше, секако, и други, а еден беше посебно важен: да ги познавате, чувствувате и почитувате, но и што подоследно да ги следите етичките ограничувања на оваа, ако ѝ дозволите, многу благородна професија.

Највредните тајни на новинарската работа не се учеа на факултет, туку отсекогаш во „огнот“ на редакциите, во кои имаше и од кого да се учи. Новинарската работа бараше одреден сет од предиспозиции, талент и вештини. Како што шарлатанството на газдите, политичкото мешетарење и полтронството на уредниците, стандардно килавите плати, лошите услови и другите болести на македонското новинарство стануваа сѐ понеподносливи, голем дел од новинарите кои имаа такви и други таленти и вештини, разбирливо, решаваа да си одат од новинарството и да ги искористат во други, сродни професии, каде подобро се плаќа, а стресот е неспоредливо поподнослив.

Ова се совпадна со почетокот на наметнувањето на интернетот и со „експлозијата“ на портали, во кои мораше некој да работи, па се вработија стотици новинари и неновинари, а поради природата на работата и  „тенкиот“ кадар во традиционалните медиуми, тоа беа главно млади луѓе. По децениското труење со шундови од секаков тип, на ред да ја информираат јавноста стасаа генерациите раснети исклучиво во ерата на информациската површност.

Во многу редакции и во вестите што ги објавуваат, неважни станаа некои основни новинарски правила и постулати, а меѓу првите жртви беше етичното известување и пишување.  Критериумите, некогаш строги, низ годините стануваа сѐ полабави, а тоа сѐ полесно можеше и може да се забележи, со сѐ пократок поглед на нашите медиуми. Денес професијата се чини безнадежно обезвреднета, а новинарите кои знаат што прават и знаат што пишуваат – безнадежно проретчени.

Младите колеги кои доаѓаат во многу редакции, веќе се под менторство и на уредници „одгледани“ и бирани во духот на новите вредности, кои не се толку потресени за важноста на етиката или интегритетот. Кога ќе се најдете меѓу нив, ќе ве направат будала ако им кажете дека медиумите и тие самите имаат одговорност за тоа какви вредности промовираат.

Пишувајќи го овој текст, кој беше замислен како збир од согледувања од дневната пракса во македонскиот онлајн медиумски простор, ми налета една криминално романтизирана, гротесктно зашеќерена приказна за љубовта меѓу српскиот мафијаш/политичар/воен злосторник Аркан и неговата турбофолк убермадам Светлана, безумно преземена на македонски од некој од српските таблоиди – тие срамни извори на редовна инспирација за нашите портали. Девојчето што го преведувало текстот веројатно и не знае за друга претстава за српските транзициски икони, освен онаа што ѝ ја сервирале загарите на вучиќевата пропаганда – ме сецна уште една поразителна помисла.

Поретко во редакции, а почесто сами и дома – секој ден на работа седнуваат млади „новинари“ кои веројатно и буквално не слушнале за зборот етика. Нивната тажна, понижувачки ботовска задача е денес да „исштанцаат“ што повеќе партиски соопштенија и стерилни пофалби на функционери, веројатно испратени од некој нивни врсник- припадник на силната армија државни и партиски ПР-штанцачи на вистини. Втората важна задача им е да играат по тактот на барањата од збудалените маси, со вечно отворен таб со „Гугл Транслејт“ на нивните компјутери – да ги нахранат орните кликачи гладни за дневната доза секс, крв и интриги што им помага да заборават колку се сиромашни и очајни.

Уште потажно е тоа што овој систем на штанц-портали потчинети на клик-алгоритмите, со човечки копи-пејст ботови впрегнати во задоволување на секакви и сечии интереси – сѐ посилно влијае и го обликува јавното мислење кај нас денес, како што интернетот станува сѐ подоминантна платформа за сервирање пропаганди на нашата намачена, збунета и збрлавена јавност.

Целата оваа работа, секако, е долготраен, грижливо планиран и долго спроведуван проект на вечните политички и бизнис-моќници,  кои одамна сфатиле дека нивните криминали одат многу полесно кога во врат не им дишат цврсти медиуми и добри новинари. И кога публиката новинарите ги гледа не како откривачи на вистината, туку како послужници на политичарите и бизнисмените.

Поискусните колеги, кои доаѓаат од она „другото време“, а сѐ уште работат – дел се прилагодија, се помирија и се стопија во новите инстант-шеми, а друг, помал дел, конвергираат во ретки сериозни редакции-острови на етичност и интегритет. Тие на некои млади луѓе сепак имаат волја и услови да им ги пренесуваат своето знаење и своето новинарско чувство, и заедно се исправени во нерамната борба со медиумското интернет-чудовиште кое постојано раѓа нови, сѐ поплитки, но и поефективни методи да ја замае јавноста и да ја направи што побесчувствителна. Во тој грст вистински редакции, во донкихотовската непомирливост на малкумина, се последните надежи за македонското новинарство, а веројатно и за шансите дека некогаш ќе видиме вистинска демократија.

 

Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Жарко Настоски ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.