АХМЕТИ: ИДЕЈАТА ЗА ВЛЕЗ НА АА ВО ВЛАДАТА Е ЗА ПОГОЛЕМА КОНЦЕТРАЦИЈА ВО ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ

0
27

Лидерот на ДУИ додаде дека премиерот Димитар Ковачевски е во преговори со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, по однос на приклучување на партијата во владината коалиција, но, како што додаде, сè уште не се зборувало за детали

Целта на идејата за влез на Алијанса за Албанците (АА) во владината коалиција не е поврзана со теснопартиските интереси туку со усогласување на политичкиот фактор за поголема концентрација во европските интеграции, изјави денеска лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во врска со најавите за влез на АА во Владата.

Тој додаде дека премиерот Димитар Ковачевски е во преговори со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, по однос на ова прашање.

„Сè уште не зборувано за детали, најважно е што страните изразиле волја за еден процес кој бара унифицирање и бара координација“,истакна Ахмети и додаде дека досега не се разговарало за евентуална прераспределба на министерските ресори во Владата.

Претходно премиерот Димитар Ковачевски изјави дека доколку со Алијанса за Албанците постои усогласување по однос на основните принципи за иднината на државата и ако разговорите продолжат во добар дух може да се случи проширување на владиното мнозинство.

Ако разговорите со Алијанса за Албанците продолжат во добар дух, може да има проширување на владиното мнозинство, вели Ковачевски

Во однос на барањето од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одржување предвремени парламентарни избори следната пролет, лидерот на ДУИ смета оти изборите не се решение за сегашната ситуација бидејќи, како што кажа, пред нас има многу поважни задачи.

„Треба да се реализира скринингот и да продолжат преговорите со Европската Унија. Во овој процес треба да има етничко и меѓуетничко единство, затоа што станува збор за иднината на државата, за иднината на генерациите. И сите треба да инвестираме во таа иднина“,изјави Ахмети по денешната свечена академија по повод Денот на албанското знаме – 28 Ноември.