Српската војска собори комерцијален дрон над касарна

0
29

Единици на Војската на Србија во попладневните часови, по навремено откривање и следење неутрализирале комерцијален дрон кој се движел од правец на Копаоник кон Рашка, соопшти Министерството за одбрана. Беспилотното летало е соборено со помош на мерки за електронско блокирање, во непосредна близина на воените објекти во гарнизонот Рашка, се додава.

„Во согласност со наредбата на претседателот на Републиката и врховниот командант на вооружените сили на Србија Александар Вучиќ Војската на Србија презема засилени мерки за откривање, следење и неутрализирање на беспилотни летала во близина на воени објекти. Војската на Србија ќе продолжи, согласно наредбата на претседателот на Републиката и врховниот командант, да ги соборува сите беспилотни летала пронајдени во зоната на забранети летови и во близина на воени објекти“, соопшти Министерството за одбрана.

Министерот за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, издал наредба за зголемување на борбената готовност веднаш откако биле воочени беспилотни летала кои влегуваат на територијата на централна Србија од Косово, „земајќи го предвид искуството на украинскиот фронт“, за да не дојде до административни доцнења во синџирот на команда.

Вучевиќ за РТС изјави дека, во врска со појавата на дроновите, Вучиќ „издал наредба секој таков објект да биде елиминиран или да биде ставен под наша контрола“, но дека ловците МиГ-29 не биле подигнати поради беспилотните летала, туку дека тие „патролираат на нашето небо“.

Според него, „војската може да одговори на овие предизвици со пушки“ и на други начини.