Шега на Владимир Путин во денешните закани за бомби во скопските училишта

0
17

Во електронската порака со закани за поставени бомби, која беше испратена денеска до осум скопски училишта, е напишана шегата која рускиот претседател Владимир Путин ја кажа пред неколку дена на настан во Москва, објави Мета.мк.

За време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, на прашање на Димитрис Константакопулос, поранешен советник на грчкиот премиер Андреас Папандреу и поранешен функционер на СИРИЗА: која е пораката на Путин до обичниот, просечен жител на една западна земја, претседателот на Руската Федерација, меѓу другото, ја кажа и шегата:

„Во тој контекст, се сеќавам на една шега која неодамна им ја кажав на моите колеги. Еден мој познаник од Германија ми ја кажаа оваа шега пред некое време. Си била една фамилија, и синот го прашува таткото: „Тато, зошто е толку ладно овде?“. Таткото одговара: „Затоа што Русија ја нападна Украина“. Детето прашува: „А каква врска имаме ние со тоа?“. Таткото: „Ние им воведовме санкции на Русите“. Синот: „Зошто?“. Таткото: „За да направиме да се чувствуваат лошо“. Синот: „Тогаш, дали сме ние Руси?““

Истата конверзација меѓу татко и син е напишана и во електронската порака испратена денеска до скопските училиштата, со минимални промени во содржината. Наместо „Зошто е толку ладно овде?“, во пораката е наведено дека детето прашува – „Зошто е толку лошо да се живее тука?“. Остатокот од шегата е идентичен, пишува „Мета“.