Тупанчевски: На 1.200 граѓани им се заканува затвор поради Ковид-19

0
18

Министерот за правда, Никола Тупанчевски, во синоќешното интервју за 360 Степени рече дека се прави се за што побргу да се донесе нов Закон за амнестија, бидејќи на околу 1.200 граѓани им се заканува затворска казна поради непочитување на мерките против Ковид-19.

Според Тупанчевски, овие граѓани направиле кривично дело со тоа што ги прекршиле забраните во изминатите две и пол години, но имаат финансиски проблеми да ги платат казните, додека истовремено затворските одделенија низ земјата се преполно и немаат капацитет да примаат потенцијални затвореници и по таа основа.

– Законската иницијатива е на Кривичниот суд Скопје, со идеја која може да помогне. Станува збор за луѓе кои не се криминалци во вистинска смисла на зборот. Статистиката која ја имаме вели дека околу 1.200 граѓани треба да одат во затвор ако не ја платат казната. Мора да сме брзи, бидејќи може да биде задоцнето и нема да ја исполниме целта, рече Тупанчевски во студиото.

Министерот рече дека овој законски предлог треба да се донесе што побргу, а дополнително ќе се размислува за оние кои веќе ја платиле казната што не биле во карантин, или пак ги одлежале затворските денови.

Од претходно е познато дела должината на затворските казни за ваквите дела изнесуваат од 40 до 100 дена затвор. Бранот на затворски казни за овие дела допрва се очекува. По истекот на две години без платена казна, судиите за извршување на санкции казнените налози од 2.000 евра ги заменуваат со затворски.

За прекршување на мерките и протоколите во пандемијата, судовите досудуваа парични казни, но ако две години не се плати казната, таа се заменува со затворска. Законот за амнестија, според најавите, се планира да важи само за граѓани, не и за фирмите, за институции, за угостителски објекти и за други правни лица кои не ги почитуваа уредбите и мерките.