Еколошките инспектори од полошко заедно ќе ги „ловат“ и казнуваат загадувачите на животната средина

0
18

Поголем надзор и ефикасност во делот на животната средина во полошкиот регион, ќе се воспоставува преку формирање на заедничко инспекциско тело, кое ќе контролира и санкционира во сите општини од тетовско – гостиварскиот регион. Граѓаните го поздравуваат ваквиот предлог, но според нив треба да се обрне внимание и на превентивниот дел, односно треба да се работи и на еколошка едукација на населението.

Низ тревници и други јавни површини најчесто завршува сметот во Тетово, околу контејнерите мини диви депонии. Ваква е сликата и во останатиот дел од полошкиот регион.

Треба едукација на населението за зголемување на еколошката свест, но и поголема контрола од инспекциските служби и казни за тие кои фрлаат купишта отпад, бараат граѓаните.

Во полошкиот регион недостасуваат инспектори. Не може да се покрие целиот терен, санкции се помалку, загаденоста се поголема. Од Центарот за полошки плански регион, велат дека до сите опшини од тетовско – гостиварско е доставена предлог одлука за усвојување на регионално – административно тело за инспекциски надзор во делот на животната средина. Целта е да се постигне поефикасно инспекциско управување.

Од тетовскиот инспекторат ја поздравуваат ваквата одлука. Велат дека нивните екипи за изминативе два месеци имаат изречено педесетина санкции за загадување на животната средина.Поголема контрола планираат да воспостават преку поставување на надзорни камери, на најкритичните места каде граѓаните најчесто депонираат смет.