Фирмата запре со пробивање на булеварот Благоја Тоска во Тетово оти било зима

0
18

Запрени се работите за пробивање на најважната сообраќајна артерија во Тетово булеварот Благоја Тоска, каде градежните активности повеќе од една деценија тапкаат во место. Експропријацијата е завршена, објектите каде треба да поминува делницата урнати, но градењето запрело оти времето било ладно.

Градежната механизација за пробивање на булеварот Благоја Тоска повеќе од еден месец стои паркирана.

Дадените ветувања дека оваа делница ќе се изгради ведна откако ќе заврши процесот на експропијација не се исполнија.

Една деценија не можат да асфалтираат една фаза од булевар, а и сообраќајна инфраструктура во градот е во лоша состојба, реагираат тетовци.

Од Општина Тетово, велат дека временските услови не дозволиле продолжување на градежните активности. Така им посочил изведувачот на работите. Се надеваат дека во текот на овој месец ќе се продолжи со градбата, ако има неоправдано доцнење ќе има и санкции.

Советниците од опозицијата, велат дека оправдувањето е неосновано оти оваа година нема ниту снег ниту ниски температури, кои би ги попречиле градежните активности.

Булеварот треба да се пробие од мостот кај тетовската болница се до текстилно училиште. За третата и последна фаза се уште нема никакви најави, ниту идејни проекти.

Инаку во Тетово има четири булевари, но не се сите целосно пробиени.

Обиколница за градот нема, па целиот транзитен сообраќај се одвива низ тесните улици, каде се создава голем сообраќаен метеж.