Од утре замрзнуват цените на тестенините и на дел од млечните производи

0
31

Министерот за економија Бектеши најави дека и нивната цена се замрзнува. Најверојатно на листата ќе се најдат и млечните производи, како млекото, урдата и белото сирење. Бектеши до утре наутро ќе почека да види колку самите производители и увозници ќе ги намалат цените, а потоа со премиерот Ковачевски ќе информираат какви одлуки ќе донесат и кои цени ќе се замрзнат.

„Во комуникација сме (со производителите на млечни производи), ги известив дека до утре ќе чекаме нивни одлуки. Во случај ако се примети дека нема намалување ќе донесеме ние како Влада мерка. За тестенините, и со нив сме во комуникација, сами покажаа интерес и таму намалувањето ќе биде многу големо што ќе бидеме поконкурентни во регионот.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Белиот и полубел леб беа први на листата со замрзнати цени, и од минатата недела се продаваат по цена од 33 денари. Производителите револтирани два дена не испорачуваа леб по маркетите, а најавија и тужба за загубите кои ги претрпеле. Бектеши со саркастичен одговор на нивните најави, вели очекувал две, а не една тужба.

„Јас очекував две тужби. Една за прекршочни што добија, а втора е само за да го покријат загубите. Слободно нека тужат ја сум убеден дека вистината е на наша страна.“ истакна Крешник Бектеши, министер за економија.

Токму овие производители добиваа државна струја по цена од 80 евра за мегават час, но Владата им ја укина мерката бидејќи анализите им покажале дека 70% од нив не го испочитувале договорот и не ги намалиле цените. Колку точно пари се потрошиле во енергетската криза за стопанството и граѓаните, надлежните најавија дека таква анализа ќе презентираат кога ќе заврши кризната состојба во април.