Судењето на Мухамед Зеќири вратено на почеток

0
79

Од почеток започна судењето против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири, откако судот го врати случајот од почеток бидејќи се констатираше дека изминал подолг временски период, како и поради промена на членови на судечкиот совет. Зекири, кој е обвинет за злоупотреба на службена должност и овластување повторно се изјасни за невин, а постапката продолжи со изведување на сведоци на обвинителството, како и со испрашување на сведоци. Сведокот Петко Димитров, управител на компанијата „Прајс Вотерхаус Куперс“ сведочеше за начинот на склучување на трипартитниот договор со Владата и компаниите „Интерфајнанс“ од Хрватска и „Интерхолдинг“ од Скопје.

Сведок Петко Димитров: На 5 мај 2021 година, преку и-мајл, електронски, добивме покана да доставиме понуда по проект за асистенција на Владата за приватизација на „Железницата на Република Македонија“. Имавме рок од седум дена. Во овој рок не успеавме да ги обезбедиме сите надворешни и внатрешни експерти па ја доставивме понудата на 31 мај 2021 година. Ние како компанија немаме увид во тоа дали поканата е дел од процедура согласно Законот за јавни набавки. Но, кога е доставена нашата понуда, ние ги имаме доставено сите документи кои би биле потребни.

Во однос пак на тоа дали овие договори биле склучени надвор од постапката за јавни набавки, адвокатот на Зекири, Александар Трајковски, рече дека тоа е правно прашање, за кое посочи дека ќе се образложува во текот на постапката. Трајковски рече и дека со денешното изведување на докази на обвинителството, се утврдило дека паричните средства кои му се ставаа на товар на Зеќири не се во таа вредност што првично биле изнесени. Според неговата одбрана, разликата меѓу првата сума и сега е околу 13 милиони денари.

Покрај Димитров, на денешното рочиште сведочеше и вештото лице од економија, Киро Костов, кој зборуваше за начинот, намената и износите на плаќањата опфатени во договорот. Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795 000 евра. Судењето ќе продолжи на 27 април со изведување на докази на одбраната. Зекири е вториот генерален секретар кој се најде на обвинителната клупа, откако претходно пред суд заврши и Драги Рашковски, поради спорната набавка на софтвер за биометриска идентификација и софтвер за мерење на просечната брзина на возилата во сообраќајот. Случајот Софтвери се наоѓа веќе во завршна фаза, а на последното рочиште заврши дополнувањето на доказната постапка за сите обвинети во случајот, по што се очекува да следуваат завршните зборови.