Ковачевски: Владината коалиција е стабилна, имаме 65 пратеници

0
46

Стабилноста на владиното мнозинство не е под знак прашалник – има 65 пратеници, а за барањата на помалите партии кои најавуваат напуштање на коалицијата ќе се најде решение- изјави премиерот Димитар Ковачевски, и рече дека со коалициските партнери за главните политички прашања се обединети. Најави дека ќе разговара со Стојанче Ангелов од Достоинство околу законот за помош на бранителите од 2001 година, а за барањето на ДОМ за една изборна единица повтори дека останува поддршката од СДСМ.

Додека од власта уверуваат дека ќе најдат заеднички јазик со сите незадоволни партии од коалицијата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара што побрзо изборно соочување за нова Влада. Оттаму велат дека на власта и се броени деновите и граѓаните чекаат оставки..

И двете најголеми партии секојдневно се на теренски посети на населени места кадешто имаат средби со членството. Опозициските челници ветуваат дека откако ќе дојдат на власт ќе почнат да ги решаваат проблемите на граѓаните, од друга страна пак владејачката СДСМ тврди дека на нивните партиски собири ги слушаат предлозите и мислењата на народот, и негираат дека се работи за предизборна кампања.