Укинат е притворот и пуштени се да се бранат од слобода тројцата косовски полицајци

0
99

Совет на Вишиот суд во Краљево го потврди обвинението против тројцата припадници на косовската полиција и донесе одлука со која на обвинетите им е укинат притворот.

Адвокатот од Белград, Градимир Налиќ, кој ги застапува уапсените косовски полицајци во Србија, потврди за РСЕ дека им е укинат притворот и дека, како што изјави, тие во моментот се ослободуваат.

„Обвинението е потврдено, а притворот е укинат и ќе се бранат од слобода“, рече Налиќ и додаде дека полицајците се враќаат на Косово.

Тој рече и дека „во интерес на клиентите“ не може да каже ништо повеќе за овој случај.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на Твитер напиша дека српскиот претседател Александар Вучиќ го информирал дека „во согласност со нашиот договор од минатата недела, Србија наскоро ќе ги ослободи од притвор косовските полицајци“.

„Многу го цениме чекорот на Александар Вучиќ“, изјави Орбан.

Првично судот донесе одлука за 30 – дневен притвор на тројцата полицајци.