МНР ги охрабрува Македонците во Албанија да се попишат како Македонци

0
137

Министерството за надворешни работи (МНР) ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, согласно законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија, на претстојниот попис на населението во Република Албанија, кој почнува на 18 септември и ќе се реализира следните шест недели.

-Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Северна Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство.

Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, претстојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност.

Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави, велат од МНР.

Северна Македонија и Албанија, додаваат, се земји со исклучителни пријателски односи.

-Министерството за надворешни работи и институциите на Република Северна Македонија ќе останат во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашањата кои ги засегаат идентитетските прашања.

Продолжуваме активно да се ангажираме за заштита и промовирање на овие права на ист начин како што тоа го правевме и досега, посочуваат од МНР. вј/лв/.

Извор: МИА