Соединетите Држави ја повикаа Србија да ги повлече војниците што ги собраа на границата со Косово, објави Франс прес.
„Гледаме големо српско воено присуство долж границата со Косово“, вклучително и „невиден распоред“ на артилерија, тенкови и пешадиски единици, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби. Сепак, тој не сакаше да го коментира ризикот од можна инвазија на Косово, чија независност Србија не ја признава и каде тензиите се многу високи веќе неколку дена.
„Поради неодамнешните настани, КФОР“ – силите распоредени од НАТО во оваа поранешна српска покраина – „ќе го зголеми своето присуство“ во нејзиниот северен дел, нагласи Кирби. Сепак, тој не можеше да прецизира дали ова е само трансфер на војници на КФОР во северно Косово или нето зголемување на бројот на силите на Алијансата во земјата.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска телефонски му се јави на српскиот претседател Александар Вучиќ за да изрази загриженост за ситуацијата и „да ја подвлече потребата од итна деескалација и враќање на дијалогот“. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, од своја страна, разговарал со косовскиот премиер Албин Курти, објави Кирби.