Израел веќе не ја информира Русија за нападите во Сирија

0
70

Од почетокот на војната со Хамас, на 7 октомври, и по влошувањето на билатералните односи со Москва, Израел престана да ја предупредува Русија за нејзините воздушни напади во Сирија, јавуваат израелските медиуми.

Од почетокот на сириската граѓанска војна, Израел изврши десетици напади врз цели во Сирија што се под контрола на владата во Дамаск, како што се воздушните писти и сириските пристаништа, како и врз конвоите со оружје од Иран, наводно наменети за проиранскиот либански Хезболах, со цел да се спречи Иран да се зацврсти на нејзините северни граници.

Според медиумската куќа Блумберг, Израел не ја предупредил Русија пред неодамнешниот напад на сириската воена база во областа Даара, како и за нападот на складиштето за оружје и радарите во сириската база во која се наоѓале оперативците на Хезболах.

Пред војната, Израел ја известуваше Русија за да избегне случајно да погоди некоја од нејзините вооружени сили стационирани во оваа земја.

Од самиот почеток на војната против Хамас, официјална Москва го критикуваше Израел за постапките, а дури беше и домаќин на претставници на оваа милитантна група, која Израел, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
С.П.