Илон Маск: Вградивме безжичен чип во човечки мозок

0
113

Милијардерот Илон Маск објави дека неговата компанија Неуралинк за прв пат успешно вградила еден од своите безжични чипови во човечки мозок. „Првичните резултати покажуваат ветувачки нервни импулси и пациентот добро закрепнува“, објави Маск.

Целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутерите и да помогне во решавањето на сложените невролошки состојби. Голем број конкурентски компании веќе имаат инсталирано слични уреди, пренесува Би-Би-Си.

Во мај, компанијата на Маск доби дозвола од ФДА да го тестира чипот на луѓе, што претставуваше огромен пресврт. Ова даде зелено светло за почеток на шестгодишното истражување. Пациентите кои ќе учествуваат во студијата ќе имаат хируршки чип поставен во делот од мозокот кој ја контролира намерата за движење. Чипот, кој ќе го инсталира робот, потоа ќе снима и испраќа мозочни сигнали до апликацијата, со првична цел „да им овозможи на луѓето да го контролираат курсорот на компјутерот или тастатурата користејќи ги само своите мисли“, велат од Неуралинк.

Маск на Икс објави дека првиот производ на Неуралинк ќе се вика Телепати. Тоа треба да овозможи да се контролира нечиј мобилен телефон или компјутер, само со размислување. „Првите корисници ќе бидат оние кои ја изгубиле способноста да ги користат своите екстремитети. Замислете Стивен Хокинг да може да комуницира побрзо од брза дактилографка. Тоа е целта”, додаде Маск.

Неуралинк, со седиште во заливот Сан Франциско и Остин, Тексас, спроведува тестови на животни во последниве години додека истовремено бара одобрение од Управата за храна и лекови на САД (ФДА) за да започне клинички испитувања на луѓе. „Сакаме да бидеме исклучително внимателни и да се погрижиме да работи добро пред да го ставиме уредот во човек“, рече Маск претходно.

Говорејќи пред толпата одбрани гости на презентацијата во седиштето на Неуралинк во 2022 година, која траеше речиси три часа, Маск ја нагласи брзината со која компанијата го развива својот уред. „На почетокот, напредокот, особено што се однесува до луѓето, може да изгледа ужасно бавен, но ние правиме се за целосно да го развиеме паралелно“, додаде тој. „Значи, теоретски напредокот треба да биде експоненцијален“.

Првите две човечки апликации на уредот Неуралинк кон кои се насочени ќе бидат враќање на видот и овозможување на движење на мускулите кај луѓе кои не можат да го направат тоа, рече Маск. „Дури и ако некој никогаш не видел, ако е роден слеп, веруваме дека сепак можеме да го вратиме видот“, рече тој.

ВИДЕО.