Екс министер осуден поради автопат на „Бехтел и Енка“ во Косово

0
114

Поранешниот министер и неговите соработници постапиле спротивно од надзорот.
Основниот суд во Приштина ги осуди поранешниот министер за инфраструктура Пал Лекај и уште тројца функционери во Министерството поради 53 милиони евра, кои косовската влада му ги исплатила на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ заради доцнење во плаќањето за изградбата на автопатот „Арбен Џафери“, кој ги поврзува Косово и Македонија.

„Судскиот совет ги прогласува за виновни обвинетите: Пал Лекај, Небих Шатри, Есет Бериша и Бесим Тахири“, објави во средата, судијата претседавач Виолета Намани.

„Тие сториле кривично дело злоупотреба на положбата или службено овластување или биле соучесници“, продолжи Намани, наведувајќи дека судот „го осудува обвинетиот Пал Лекај на затворска казна во траење од три години и осум месеци“.

Судот му забрани на Лекај да врши јавни функции во јавната администрација три години и шест месеци по завршувањето на затворската казна.