Научниците предупредуваат: Зошто треба да ги заштитите очите во денови кога загаденоста на воздухот е висока

0
137

Во Лондон во 19 век, кога Чарлс Дикенс напишал дека „маглата е тешка и темна“, на луѓето им било советувано да носат специјални очила за магла, односно за смог, додека престојувале надвор за да ја избегнат иритацијата на очите. Најновите истражувања го потврдуваат она што се знаело уште тогаш – загадениот воздух може да ни го уништи видот. Загадувањето на воздухот може да доведе до катаракта (сива мрена), глауком (втора најчеста причина за слепило), конјунктивитис, макуларна дегенерација поврзана со возраста, па дури и да го зголеми ризикот од порано носење очила за вид. И додека истражувањата покажуваат дека таквите ефекти се најизразени во силно загадените градови во Азија, студиите спроведени во Северна Америка и Европа покажаа дека дури и помали дози на загаден воздух може да ги оштетат нашите очи.

Познато е и научно докажано дека загадувањето на воздухот е очигледно лошо за здравјето, особено за нашите бели дробови (астма) и кардиоваскуларниот систем (срцеви и мозочни удари). Меѓутоа, дури во последно време започнаа повеќе истражувања за тоа како загадената атмосфера може да влијае на здравјето на очите.

Окото е орган кој секако е запоставен, а нашите очи се, всушност, особено чувствителни на загаден воздух, вели за „Вашингтон пост“ Пол Фостер, офталмолошки епидемиолог од Универзитетот во Лондон. Тие се директно изложени на загадување во воздухот, што може да доведе до болест на суво око (кога немате доволно квалитетни солзи за подмачкување на очите). Покрај тоа, мрежницата (ретина), слој на окото чувствителен на светлина во задниот дел на окото, има многу крвни садови, што ја прави исклучително чувствителна на загадување.

– Сè што влегува во крвотокот ќе циркулира во многу високи концентрации во задниот дел на окото – предупредува Фостер.

Слободен Печат.