Стано: Косовските власти да избегнуваат еднострани чекори кои може да ја влошат состојбата

0
97

Европската Унија ги повикува косовските власти да избегнуваат еднострани чекори кои може да имаат контрапродуктивни последици, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Тој нагласи дека одлуката на косовската Централна банка со која се забранува употребата на српскиот динар и полициската операција против „некои институции раководени од Србите во северно Косово“, се најмалку два примери од минатата недела кои предизвикаат загриженост во ЕУ.

– Овие чекори се загрижувачки затоа што не придонесуваат за деескалација на состојбата.

Тие вообичаено не се координирани, преземени се еднострано и без консултација за можните последици што би ги имале врз луѓето на теренот, истакна Стано.

Тој нагласи дека ЕУ реагираше на овие два настани, бидејќи станува збор за еднострани постапки кои би можеле да предизвикаат влошување на состојбата на теренот.

– Едно е јасно, тие не придонесуваат за смирување на ситуацијата и не прават луѓето да имаат чувствуваат дека нивниот живот ќе се подобри, туку спротивно на тоа, додаде Стано.

Според него, од овие причини важно е заживувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ и за таа цел специјалниот претставник на Унијата, Мирослав Лајчак е во постојан контакт со партнерите во регионот и со меѓународната заедница, со цел двете страни да почнат да се однесуваат конструктивно.

– Важно е да се вратат на преговарачката маса и да разговараат за прашања кои се многу важни, без да преземаат еднострани чекори, рече Стано, изразувајќи надеж дека наскоро ќе може да најави одржување на средба на српските и косовските лидери во обид да се решат овие прашања.

сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА