Тепаниот Небиу за „Слободен печат“: Добар сум, само многу вознемирен, тепачите нема да ме исплашат

0
141

Фала на Бога добар сум, само што уште сум вознемирен, вели за „Слободен печат“ Дритон Небиу, директор на Агенцијата за управување со одземен имот, откако синоќа по прес конференцијата на претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците Зијадин Села, тој во ресторан во Тетово бил нападнат од извесен Кренар Османи.

Физичката пресметка доаѓа откако викендов се случи целосен ракол во партијата по повикот на лидерот Арбен Таравари за предизборна коалиција со Европскиот сојуз за промени, на што се спротивставија Села, генералниот секретар Кренар Лога и партиските потпретседатели кои се на линијата за самостоен настап на изборите.

Цел ден го поминв со активности во партијата и по прес конференцијата на Села заедно со 30 до 40 сопартијци отидовме на ќебапи во тетовски ресторан. Муабетевме дека добро е оти се се заврши без никакви проблеми, дека има кој да ја води Алијанса за партијата да не се подели, а тоа е Села. Од никаде дојде Кренар Османи, наеднаш ме нападна и со боксирач ме удри во лицето. Претходно мојот возач излезе од ресторанот да си купи цигари и веројатно Османи го забележал тоа и ме нападна. Веднаш се стрчаа келнерите и не дозволија да се случи поголем инцидент. Османи ми дофрлуваше со прашања: Кој си ти да продаваш туѓи имоти и да дејствуваш против ВМРО-ДПМНЕ. Иако и претходно сум добивал закани, ова е првпат физички да ме нападнат – вели Небиу за “Слободен печат“.

Тој тврди дека како директор на Агенција чесно си ја вршел функцијата. Според него, за нападот можни се два мотива. Или поради директорската функција или дека во спорот помеѓу Таравари и Села , тој е за опцијата Алијанса самостојно да оди на парламентарните избори.

По нападот, отидов во болница и пријавив во полиција. Верувам дека полицијата ќе го приведе напаѓачот, бидејќи тој нешто подоцна откако ме нападна преку видео порача дека има уште 93 дена за да падне Владата. Во ресторанот напаѓачот ми се закани и дека ќе ме убие – вели Небиу.

На прашањето дали Османи е дел од Алијанса за Албанците, Небиу вели дека не знае, но додаде дека разбрал оти му е роднина на лидерот Таравари.

Со објава на својот фејсбук профил Небиу порача:

„Можете да ме убиете но нема да ме испалшите“.

Нападот се случил непосредно по објавување на фотографија на која е со Зијадин Села, кој го предводи крилото кое не се согласува со Арбен Тарави за коалиција на Алијанса за Албанците со албанската опозиција претстојните избори.

Настанот го потврди и полицијата.

Извор С.П.