Весиќ: Граѓаните на Косово со српска лична карта можат да работат во Македонија и Албанија

0
124

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ посочи дека „сите граѓани на Косово, како составен дел на Србија, без разлика на националноста, доколку имаат српска лична карта, можат да ги користат поволностите од договорот во рамките на Отврен Балкан“, јави дописникот на МИА од Белград.

Косово и Метохија е составен дел на Србија и сите граѓани на тој дел од земјата, без разлика на националноста, се државјани на Србија и можат да ги искористат сите предности од договорот што Србија го потпиша со Северна Македонија и Албанија, истакна Весиќ за Косово онлајн и објасни дека секој што има српска лична карта може да добие Идентификационен број и да работи во Северна Македонија и Албанија без никакви дополнителни документи.

-Секој граѓанин на Србија, кој живее на Косово, со српска лична карта, може да ги искористи сите предности на нашата регионална интеграција. Ова важи и за Албин Курти. Доволно е, ако нема, да извади личната карта, а еден ден, кога не ќе е премиер, ќе може да работи во Тирана, без никакви пречки, нагласи Весиќ.

Тој потсети дека суштината на „Отворениот Балкан“ е да се отстранат сите пречки за да се воспостави слободен проток на луѓе, стоки и капитал и забележа дека тоа е токму спротивното од она што го прави владата во Приштина на чело со Албин Курти.