Путин: Нема да го нападнеме НАТО, но ќе ги соборуваме ловците Ф-16 во Украина

0
130

„Се разбира, ако тие се користат од аеродроми во трети земји, тие за нас стануваат легитимни цели, каде и да се наоѓаат“, рекол рускиот претседател.

Русија нема планови за ниту една земја членка на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но ако Западот ѝ испорача авиони ловци Ф-16 на Украина, тогаш тие ќе бидат соборени од руските сили, изјавил доцна синоќа претседателот на земјата Владимир Путин, пренесува Ројтерс.

Во обраќање до пилотите на руските воздухопловни сили, Путин рекол дека воената алијанса предводена од САД се проширила на исток кон Русија под падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, но оти Москва не планира да нападне некоја од државите членки на НАТО.

Инаку, руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ја предизвика најдлабоката криза во односите меѓу Русија и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година за време на Студената војна.

„Немаме агресивни намери кон овие држави. Идејата дека ќе нападнеме некоја друга земја – Полска, балтичките земји, а и Чесите се исто така исплашени – целосна глупост“,

рекол Путин, според транскриптот на Кремљ објавен денеска.
Кремљ, кој ги обвинува САД дека водат војна против Русија поддржувајќи ја Украина со пари, оружје и разузнавачки информации, вели дека односите со Вашингтон веројатно никогаш не биле полоши.

Прашан за ловците Ф-16 кои Западот вети дека ќе ги испрати во Украина, Путин вели оти овие авиони нема да ја променат ситуацијата во Украина.

„Ако испорачуваат Ф-16, а зборуваат за ова и очигледно обучуваат пилоти, тоа нема да ја промени ситуацијата на бојното поле. Ќе ги уништиме авионите исто како што денес уништуваме тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и ракетни фрлачи“,

рекол рускиот претседател Путин.