ТЕТОВСКАТА ПОЛИЦИЈА „УДРИ“ ПО ЈКП ТЕТОВО, ГО ГОНИ ЗА КУПИШТАТА СМЕТ ОСТАВЕНИ НА ЈАВНИ СООБРАЌАЈНИЦИ

0
112

Месецов СВР Тетово изготви соодветен поднесок против ЈКП „Шар“ од Тетово согласно член 12 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за неподигнат смет од јавни сообраќајни површини, оставен на самиот коловоз. Вакви поднесоци ќе се изготвуваат и во наредниот период со цел да се овозможи нормален сообраќаен проток низ градските улици и да се придонесе за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, а посебно на пешаците.

„Глобите за непочитување на оваа законска одредба се движат од 100 до 1000, односно до 10 илјади евра, зависно од тоа дали е физичко или правно лице и плус 500 евра за одговорното лице на правниот субјект“, изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до граѓаните и претпријатијата задолжени за одржување на јавната хигиена во Тетово целосно и безусловно да се придржуваат на Законот за јавна чистота и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Граѓаните да не ги оставаат отпадоци каде ќе стигнат и надвор од контејнерите и другите садови за таа намена, а претпријатијата редовно да го подигаат сметот и да не дозволат создавање на купишта со расфрлани отпадоци. Зашто, неретко купиштата отпадоци или неправилно поставени контејнери го попречуваат нормалното и безбедно движење на возилата и пешаците, пред се и на некои потесни места и предизвикуваат застој во одвивањето на сообраќајот.

Инаку Тетовци се надеваа на почист град откако пред еден месец Општина Тетово со свечена церемонија на градскиот плоштад ја промовираше словенечката компанија Заубермахер, со која има потпишано договор за менаџирање со сметот, односно подигање и танспортирање на отпадот до регионалната депонија Русино.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами тогаш истакна дека сите вработени во ЈКП Тетово кои биле ангажирани во секторот „Комунална хигиена“ ќе ги преземе словенечката компанија, а сметот ќе се собира во сите села и населени места во рамките на општина Тетово.

Но состојбата со сметот се уште е на катастрофално ниво.

Кал и прашина по тетовските улици е вообичаена слика во секое тетовско мало.

Градоначалникот Билал Касами се оправда дека општината нема возило со цистерна за миење на улиците, но веќе е во процедура да набави.

„Во ситуцијата во која се наоѓаме противпожарната единица, прави миење на улиците по некоја програма, но исто така сме во фаза на нов камион-цистерна за чистење на улици и во договор со ЈКП има програма секој ден во текот на неделата да се исчистат улиците и еднаш барем неделно секоја улица во градот да биде измиена. Во тој дел се работи и се надеваме дека што побргу ќе добиеме тој камион и ќе имаме редовно миење на улиците. Сега работиме само интервентно со механизацијата која ја има во ТППЕ“ рече Касами.