ВИДЕО+ФОTO: Шара гори четири дена, пламените јазици не ги скротува ниту авионско гасење

0
144

Над 100 хектари букова шума и ливади се пеплосани од пожарот кој избувна пред 4 дена на шарпланинскиот масив над селото Селце. Пожарот велат надлежните се проширува со голема брзина. Се гаси од земја и воздух, но пламените јазици никако да се скротат долги над 3 километри.

Од Националниот парк Шар Планина, велат дека на терен се со 9 ренџери. Напомош им стигнала екипа на тетовската противпожарна единица, „но пожарот брзо се шири и потребна ни е помош и од другите институции, дури и со авионското гасење пламените јазици не можат да се стават под контрола“, додаваат од установата.

„Од 7 утринава сме на терен со 9 ренџери и двајца техничари. Ние сме горе многу е проширен пожарот, горат ливади, букова шума, секаков вид на диверзитет се нарушува, страдаат животни, големи се штетите. Ќе ја искористам оваа прилика да се вклучат сите институции кои се обучени за вакви пожари. Да ни се приклучи полицијата и армијата. Изгорени се над стотина хектари шума. Прогнозите се дека ќе се проширува што повеќе, ако не се приклучат другите институции. Линијата на пожарот е над 3 километри. Уште е далеку селото Селце, но има тука и некои штали и објекти кои се блиски до пожарот. Хеликоптер и присутен, фрла вода, но интензитетот на пожарот е многу голем“, рече Ибрахим Дехари директор на Национален парк Шар Планина.

Од Тетовската противпожарна единица, велат дека се работи за непристапен терен, затоа е тешко е огнот да се стави под контрола. И оттаму повикаа и другите институции да се приклучат во гасење на пожарот.

„Како што се знае тој дел е под Националниот парк, тие се тие кои треба да излезат на терен да го локализираат. Јас имав вчера повик од Центарот за управување со кризи и излеговме на терен и видовме дека гори многу шума и се трудевме вчера до 9 сат навечер да го ставиме под контрола, но не успеавме и се симнавме, па пак од сабајле сме таму само со Националниот парк, другите институции не се вклучени и не знам зошто. Треба да се активираат сите сили за да се локализира пожарот. Штетата е голема. Теренот е лош, ќе се обидеме денеска да го ставиме под контрола. Ќе лета еден хеликоптер, но тој само може да гаси над 3 часа. Ние горе дежураме тоа се професионални пожарникари, за таков терен имаме таму 8 такви пожарникари, другите и да се таму немаат опрема. Горе камион не може да се качи, се качуваме со џипови“, вели Командирот на ТППЕ Тетово Авни Амети.

Тој апелира на поголема внимателност, особено во перидов што следи оти над 90 % од причините за ваквите пожари е човекот.

„Имаме многу пожари, времете е потопло од планината се гледа дека моментално во Полог има 10 активни пожари. Причината е човекот. Земјоделците собираат сува вегетација и смет и го палат и со еден ветер искрите летаат секаде и се разгоруваат пожарите. И за пожарот во Селце човекот е фактор. Треба да се казнуваат луѓето кои го прават намерно тоа“, дополни командирот Амети.

Вистинска драма на Шарпланинското подрачје се случуваше и пред две недели над Вешала. Ренџерите час и половина пеш се движеа низ стрмен терен, за да стигнат до огнот.

Пожарот беше локализиран рачно со лопатии и метли, но штетата што ја остави зад себе е огромна. Изгореа 170 хектари шума и пасишта.

Извор СП