Курти: Eскалации меѓу Косово и Србија немаше да има ако Белград беше санкциониран

0
69

Косовскиот премиер Албин Курти вели дека ескалации во односите меѓу Косово и Србија немаше да има, доколку Белград беше меѓународно санкциониран по киднапирањето на косовските полицајци минатата година, а потоа и по нападот во Бањска кај Звечан, каде што беше убиен еден припадник на полицијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на прес-конференција по денешната седница на Владата рече дека масовните апсења што Србија ги прави на границите „немаше да се случат“ сега, доколку таа беше санкционирана за претходните агресивни дејствија кон Косово.

„Ако имаше санкции против Белград кога тројца наши полицајци беа киднапирани на 14 јуни минатата година на северот на Косово, или кога наредникот Африм Буњаку беше убиен од група паравоени сили на 24 септември минатата година, не ќе бевме во оваа ситуација. Денес масовните апсења што Србија ги прави на граѓаните на нашата земја, без разлика дали се тоа обични граѓани кои ја користат Србија како транзитна земја за да се вратат на Косово од земјите на Европската унија или да одат таму, без разлика дали се државни функционери како случајот со заменик-директорот на полицијата, ова не би се случило, доколку Србија беше под санкции“, рече Курти.

Тој смета дека неизрекувањето санкции за таквите случаи „ја охрабри Србија“, а изрази надеж дека ваквото однесување на Белград, запирањето на косовските граѓани на границите, ќе „претставува нова фаза“, во која „ќе се сфати дека Косово е демократска држава“ и дека „Србија е практично мафијашка држава“.

Слободен Печат.