Лажејќи дека е вработен во АНБ рекетирал управител на фирма: му земал три автомобили, телефони, пари – а сега заврши во притвор

0
100

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела – Изнуда од член 258 и Лажно претставување од член 391 од Кривичниот законик.

Во период од 14.12.2023 до 05.05.2024 година, пријавениот лажно се претставувал како службено лице – вработен во Агенцијата за национална безбедност и со сериозни закани присилил едно оштетено лице да му даде пари, накит, автомобили и други добра во вкупен износ од околу 180.000 евра.

Претставувајќи се како вработен во АНБ и посредник за исплата на долг, осомничениот на оштетениот 54-годишник, управител на фирма, му вршел притисоци со закани за неговиот и животот на неговото семејство, па во повеќе наврати му земал парични средства, три автомобили, два мобилни телефони, златни прстени и друг накит“, велат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и веројатност да ги повтори делата. Судијата го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Categories