Таравари за МИА: За државата е добро еднаш да има претседател од друга етничка заедница

0
70

Транспарентноста и инклузивноста на претседателот се неопходни ако сакаме да функционира државата и да има внатрешна кохезија, вели во интервју за МИА кандидатот за претседател на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари.

Смета дека е добро за државата еднаш да има претседател од друга етничка заедница, иако вели дека реално се уште не се созреани условите луѓето да гласаат за личност, а не за партија.

–  Сите луѓе имаат добри страни и недостатоци. Мислам дека во Македонија е добро да се случи еднаш претседател на државата да биде од друга етничка заедница, иако реално мислам дека се уште не се созреани условите да гласаме за личност. Генерално, тука луѓето се многу партизирани иако на претседателски и локални избори повеќето граѓани гласаат за личноста, а не за партијата, вели Таравари.

Верува дека има реални шанси да влезе во вториот круг од претседателските избори и се надева на поддршка не само од албанскиот гласач, туку и од другите етнички заедници. Таргетот, вели, секогаш е кај луѓето што не се определени и тие одлучуваат кој ќе победи.

– Иако генерално нашиот најголем таргет е албанскиот гласач, реално очекувам добра поддршка и од македонскиот гласач, од бошњачкиот гласач, турскиот гласач. …. На крајот на краиштата, граѓанинот е тој што одлучува, гласа и дава доверба на некого. Знам дека тие што се партиски луѓе гласаат за партијата, меѓутоа 40 проценти од луѓето не се во партија и тие се уште се неопределени и таргетот секогаш е кај луѓето што не се определени и тие одлучуваат кој ќе победи, посочува Таравари.

Racin.mk