Пуштиле осуден за убиство да побегне од болницата во која се лекувал- детали за уапсените затворски полицајци

0
97

Според официјалните информации на ОЈО ГОКК, за шестмина од осомничените припадници на затворската полиција од скопскиот затвор „Идризово“, кои се осомничени дека како група и постапувајќи со умисла директно се одговорни за бегството на затвореникот, е отворена истрага и се бара да им биде одреден притвор. Против преостанатите 11 нивни колеги постапката е сè уште во фаза на предистрага и за нив надлежен јавен обвинител предложил до Судот да им одреди мерки на претпазливост

Припадниците на затворската полиција кои утрово биле уапсени во акцијата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) и на Министерството за внатрешни работи (МВР) се осомничени дека му овозможиле на затвореник осуден за убиство да побегне додека бил на лекување во приватна болничка установа.

 

Според официјалното соопштение на ОЈО ГОКК, за шестмина од осомничените затворски полицајци веќе од денеска е отпочната истражна постапка по наредба на јавен обвинител, додека против преостанатите 11 нивни колеги сè уште се води предистражна постапка.

Она што е заедничко и за едните и другите е што се осомничени дека помогнале на осудениот за кривичното дело убиство да ја напушта просторијата во болницата каде што се лекувал и во даден момент да побегне, без притоа затворските полицајци за кои е отворена истрага да го пријавата бегството кај своите претпоставени.

Според Обвинителството, петмина од осомничени затворски полицајци се товарат за кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода по член 372 став 2 од Кривичниот законик, додека еден се гони за помагање во извршување на кривичното дело. Делото за кое се товарат, според Обвинителството, осомничените го сториле како група и со умисла.

Другите 11 осомничени, за кои постапката е во фаза на предистрага, се гонат за противзаконито ослободување лице лишено од слобода по член 373 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Во соопштението не е наведен идентитетот на осуденикот чие бегство осомничените се товарат дека го овозможиле, како и идентитетот на затворските полицајци опфатени со истрагата.

„По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, денеска беше спроведена акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во која се приведени 17 лица. Предметниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на октомври минатата година сториле кривично дело овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл. 372 ст. 2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело“се наведува во соопштението од Обвинителството.

 

Другите 11 осомничени за кои се води предистражна постапка, пак, според описот на дејствијата за кои се гонат, од 19 до 26 октомври лани како созивршители, додека биле на смена, го ослободувале затвореникот, односно му овозможувале непречено да ја напушта болницата и да се враќа назад по повеќечасовно отсуство.

Инаку, затворските полицајци и од едната и од другата група, денеска се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.

За шестемина осомничени од јавниот обвинител од ОЈО ГОКК бара да им биде одредена мерка притвор поради опасност од бегство, сокривање, фалсификување или уништување на трагите од кривичното дело, како и можноста дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата.

За единаесетте лица за кои се води предистражна постапка, пак, обвинителот предложил мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

 

 

Преземено од 360