Фото: Редици возила, Тетово блокирано, нервозни возачи се тепаат на улица

0
129

(Глас.мк) Вообичаено во пресрет на големите празници како и денеска пред Рамазан Бајрам кој муслиманските верници ќе го прослават во среда на 10 април, Тетово е во сообраќаен колапс.

Редици возила, нервозни возачи кои свират па и вербално и физички се пресметуваат на улица.

Вчера полицијата регистрираше физички напад на булевар Илиндинеска токму поради проблеми во сообраќајот. Случајни минувачи спречиле поголем инцидент.

„На 07.04.2024 во 19.50 часот во СВР Тетово, Ш.Л.(21) од Тетово пријавил дека на улица ,,Илинденска“ во Тетово, поради недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Според пријавеното, лицето се обидело да употреби и дрвен предмет, но било спречено од случајни минувачи. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот“, информираа од Секторот за внатрешни работи Тетово.

Инаку во Тетово до секоја дестинација побрзо се стигнува пеш отколку со возило. За да поминете 2 километри ќе возите половина час.

Но, и покрај ваквата состојба голем дел од граѓаните не се откажуваат од своите возила кои според одредени проценки ги има до 60.000, а во градот има едвај 1.000 паркинг места. Па најчесто може да забележите возило паркирано на тротоар, раскрсница, и долж улиците на таканаречени двојни редови.

Резултатот е сообраќај кој е целосно закочен поради несоодветно паркирање, но и старата сообраќајна инфраструктура со тесни улици и сокаци.

Пред два месеци градежна механизација започна со активности за пробивање на булеварот „Благоја Тоска“ во делот кај тетовската касарна. Но пробивање на булеварот исто како сообраќајот, тргни-застани.

Градежните активности траеја два дена и прекинаа. Градоначалникот Билал Касами кажа дека фирмата која го добила тендерот има рок од три месеци да го пробие булeварот, во спротивно ќе следуваат санкции согласно законските нормативи.

Се работи за делница од 400 метри, која треба да излегува кај градскиот стадион на регионалниот пат Тетово-Јажинце.

Тетово има 4 булевари од кои само еден е целосно завршен. Со години нема отворено нова сообраќајница иако сообраќајниот метеж е се поголем, а целиот транзитен сообраќај поминува низ градот оти нема обиколница која по две децении ветувања од властите започна да се гради пред изборната кампања.

Преземено од СП