Славески кој е против минималната плата сега како нов гувернер ќе зема над 200 000 денари

0
246

Трајко Славески, поранешен министер за финансии и универзитетски професор, е официјалниот предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за нов гувернер на Народната банка. Неговиот избор треба да биде потврден на собраниската седница закажана за 3 јуни, а владејачкото мнозинство најверојатно ќе биде доволно за да го изгласа неговото назначување, и покрај најавеното противење од страна на опозицијата.

Именувањето на Славески предизвика бурни реакции, особено поради неговите претходни ставови за минималната плата. Тој јавно се спротивстави на зголемувањето на минималната заработка, оценувајќи дека тоа не е во согласност со европската пракса.

Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на преку 20 проценти од вработените, како прво, и не може да биде 60 проценти од просечната, кога Европската унија која изрично наложува максимум да биде 50 проценти,“ изјави Славески во интервју за ТВ24.

Сепак, платата што ја следува како иден гувернер е далеку од минималната. Основната бруто-плата изнесува 202.097 денари, што по одбивање на придонеси, резултира со нето-износ од околу 137.000 денари. Тоа е приближно пет пати повеќе од минималната плата, со која илјадници работници низ Македонија месечно едвај ги покриваат основните трошоци за живот.

И додека синдикатите и граѓанските организации укажуваат на драматичниот раст на животните трошоци и неопходноста од повисоки плати за најслабо платените, критичарите на изборот на Славески велат дека е иронично што човек кој се противи на подобрување на стандардот на работничката класа, самиот ќе добива висока плата од јавните средства.