Тим експерти од Универзитетот во Кембриџ потврди дека ова е првпат во историјата клучна компонента на вакцина целосно да биде дизајнирана со помош на AI технологија, а потоа успешно да биде тестирана кај луѓе.
Новата вакцина е создадена да ги таргетира сите коронавируси, што ги вклучува не само сите постоечки варијанти на Ковид-19, туку и вирусите кои моментално циркулираат меѓу животните и кои во иднина би можеле да преминат кај луѓето и да предизвикаат нова глобална криза.
Традиционалните вакцини обично се развиваат врз основа на моментално активниот сој на вирусот. Меѓутоа, бидејќи вирусите постојано мутираат и го менуваат својот изглед, вакцините брзо стануваат застарени, поради што е потребно редовно да се ажурираат.
Овојпат научниците од Кембриџ избраа сосема поинаков пристап. Тие ги искористија генетските кодови на голем број коронавируси од глобалните бази на податоци за следење на вирусни закани.
Вештачката интелигенција ги анализираше овие податоци и ги пронајде заедничките, непроменливи точки кај сите овие вируси.
Потоа AI дизајнираше вештачки суперантиген – клучна компонента на вакцината која го учи имунолошкиот систем кои цели треба да ги напаѓа.
Овој суперантиген го тренира организмот да препознае и да нападне кој било вирус од таа фамилија, дури и ако тој мутира или ако се појави сосема нова инфекција што потекнува од животни.
„Секогаш сме еден чекор зад вирусите. Она што се обидуваме да го направиме е да бидеме чекор пред нив, и тоа доволно далеку пред нив за да можеме да се заштитиме од целосно нови епидемии или пандемии. Ова претставува фундаментална промена во начинот на кој се подготвуваме за здравствени кризи“, изјави за BBC професорот Џонатан Хини од Универзитетот во Кембриџ.









