Казни за пушење, алкохол и насилство во студентските домови: Новите измени пред пратениците

0
12

Неколку амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, кој се разгледува по скратена постапка, денеска ќе бидат тема на 32. седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.

Станува збор за шест амандмани поднесени од пратеничката група на ДУИ, кои се најдоа и на дневниот ред на Законодавно-правната комисија.

Комисијата за образование, наука и спорт на седницата одржана на 16 јули оцени дека предложените законски измени се прифатливи и ги проследи во понатамошна собраниска постапка.

Предлагачи на законските измени се пратениците Даниела Христова, Каролина Насковска, Иванка Василевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Со измените се предвидува право на сместување во државен студентски дом да имаат студенти кои не наполниле 30 години до денот на поднесување на барањето. Дополнително, се воведува можност за забрана за користење на услугите на државните студентски домови во период од една до пет години за потешки прекршоци.

Меѓу прекршоците за кои се предвидуваат санкции се пушење во собите, консумирање алкохол и недозволени супстанци, оштетување на инвентарот, како и агресивно, насилничко или навредливо однесување кон студентите и вработените.

Образложувајќи ги измените на седницата на 16 јули, пратеничката Даниела Христова истакна дека целта е прецизно да се утврди старосната граница за прием во студентските домови и да се доуреди постапката за изрекување воспитни мерки за студентите кои не го почитуваат куќниот ред.

Според неа, законските измени треба да придонесат за поголема правна сигурност, подобра заштита, безбедност и поквалитетни услови за престој во студентските домови.

На истата седница Комисијата не ги прифати шесте амандмани поднесени од пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија. Со нив, меѓу другото, се бараше исклучок од старосната граница за лица со попреченост, како и можност студентите да поведат управен спор пред Управниот суд.