Длабока анализа на постојната состојба покажала дека во Македонија околу 50% од популацијата е зависна од цигари, рече министерот за здравство, Азир Алиу во синоќешното гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, каде се осврна на потребата од донесување нов закон за заштита од пушењето.
– Законите сами по себе не може да бидат квалитетни и да дадат резултати ако немате цел екосистем. Законот дефинира рамка и строги правила за подобрување на екосистемот во одреден сегмент. Од друга страна, ако немате дополнителни индикатори за мерење и следење дали законот се применува, ќе имате само закон на хартија. Затоа можеби досега постојните закони за жал не даваа резултати. Ние прво направивме длабока анализа на постојната состојба, која покажа дека кај нас околу 50% од популацијата е зависна од цигари. Пушат околу 18-22 цигари на ден, што значи во државата имаме двојно повеќе пушачи во споредба со европските стандарди. И ова е алармантно, особено што има пушачи и од најрана возраст, од 13-14 години има 7,7% активни пушачи, од 15-16 години се некаде 37%, а на електронски цигари 40% – истакна министерот Алиу.









