На 108 години почина најстарата битолчанка која се спаси од Холокаустот

0
131

Рахел Нахмиас е родена во 1917 година во Битола. Во 1943 година се спасила од депортација во нацистичките концентрациони логори откако била сокриена во багажникот од автомобилот на тогашниот албански конзул во Битола. Благодарение на овој чин, таа успеала да си го спаси животот.

Во тој период имала 26 години, а нејзините спасувачи ја однеле во Албанија, каде што ја поминала Втората светска војна. Со албанското семејство кое ѝ помогнало живеела до 1950 година, по што се преселила во Бостон, Соединетите Американски Држави.

Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината внука, познатата пејачка Сара Ароесте, која често престојувала во Битола и со голема посветеност го негува споменот на своето семејство и на еврејската заедница која некогаш живеела на Широк сокак.

Во објава на Facebook, Ароесте напиша:

„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга роднина Рахел, на неверојатни 108 години. Рахел е родена во 1917 година во Битола (денес во Северна Македонија). Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само 3 месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рахел која беше вистински благослов за овој свет.“