ВЕЌЕ ВКЛУЧУВАМЕ ВО ПЕТТА И ВО ШЕСТА БРЗИНА“ Мицкоски најави инфраструктурен бум и борба против корупција

0
235

Во оваа тешка година имаме резултати зад нас кои се јасен показател дека стигнавме на солидна основа. Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти – порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот по повод една година од работата на Владата, одржан под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.

Премиерот Мицкоски истакна дека очекува максимална посветеност во исполнување на владината програма во следниот период, преку повеќе од 400 нови проекти, мерки и реформи кои ќе бидат насочени кон развој и раст, подобар животен стандард, поквалитетно образование, борба против корупцијата, инвестиции во здравството и големи инфраструктурни зафати.

По години на празни ветувања и перманентна политичка криза, не почнавме од нула, туку од минус – од рушевини кои беа оставени зад себе. Наследивме систем што се кршеше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба, но не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото – рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата ги поставила првите тули на новите темели со посветеност и љубов кон секој граѓанин, секоја заедница и секој сон.

– Ги поставивме столбовите што ќе го издржат товарот на иднината. Овие темели не се само тули, или камења и бетон. Тие се секој наш збор, секоја капка пот, секој чекор што го правиме за тебе, за твоето семејство, за твојата иднина. Овие темели се твојата доверба, твојата борба, твојата вера дека Македонија заслужува повеќе – заслужува правда, ред, развој и почит. Тоа се темелите на новата ера – нагласи тој.

Премиерот додаде дека Владата не ветува брзи решенија, но ветува истрајност и вистински реформи.