ВИДЕО: Наместо во Македонија, Руси останале заглавени на аеродром зашто му верувале на Четџипити

0
27

Руски државјанин останал без планираното патување во Македонија откако се потпрел на информација добиена од Четџипити за визниот режим.

Во видеото што се прошири на социјалните мрежи, видно разочараниот патник објаснува дека заедно со сопругата и детето купиле авионски билети од Истанбул до Скопје, резервирале хотелско сместување и изнајмиле автомобил за престојот во земјава.

Пред патувањето, тој го прашал Четџипити дали му е потребна виза за влез во Македонија. Според неговото тврдење, вештачката интелигенција му одговорила дека не му е потребна виза.

Убедени дека ги имаат сите потребни документи се упатиле кон аеродромот, но таму ги дочекало непријатно изненадување.

„Четџипити ми кажа дека не ми треба виза“, вели Русинот во видеото, објаснувајќи дека поради проблем со визните услови не му било дозволено да се качи во авионот за Скопје.

Тој додава дека дури и покажал снимка од екранот со одговорот што го добил од Четџипити, но тоа не помогнало и авиокомпанијата не му дозволила да патува.

Така, наместо одмор во Македонија, семејството останало на аеродром, и покрај тоа што однапред ги платило билетите, сместувањето и изнајмувањето автомобил.