Вратата кај бината во „Пулс“ служела да излезат малолетниците во случај на полициска рација, сведочи 25-годишниот Петар Марковски

0
121

На денешното рочиште за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, 25-годишниот Петар Марковски, кој вечерта кога се случи пожарот од клубот излегол со повреди на дишните патишта, сведочеше дека вратата кај бината служела преку неа да излезат малолетници во случај на полициска рација. Неколкумина сведоци на минатите рочишта кажаа дека освен вратата преку која влегле во клубот, постои уште една, но за разлика од досегашните сведоци кои кажуваа само дека никогаш не виделе дека некој ја користи, Марковски на прашање на обвинителот одговори дека слушнал оти таа служела како излез за малолетниците при полициските рации, но вечерта не видел дека некој ја користи.

Марковски со неколкумина другари во клубот дошол во 12.45 часот за настапот на ДНК. И тој, како и неколкумина сведоци на претходните рочишта, кажа дека купил билет за кој не добил фискална сметка. Не му побарале лична карта оти се познавал со луѓето кои стоеле на врата, проверувале лични карти и ставале печати на рацете на оние што имаат билети за вечерта. И тој потврди дека во клубот вечерта имало малолетници.

Марковски, кој во „Пулс“ доаѓал откога наполнил 18 години, кажа дека и претходно се користела пиротехника во клубот, а кобната вечер таванот се запалил од прскалките.

„Кога се вклучија прскалките, мислам дека беше околу 02.30 часот, почна да гори плафонот. Настана паника и луѓето почнаа да се движат кон излезот, а пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше од сунѓер“, рече сведокот Марковски, а на прашање од судијката Диана Груевска- Илиевска како знаел дека е од сунѓер, одговори дека сунѓерот се гледал.

Во обидот за излезе од клубот го зафатило стампедото и паднал во бесознание од чадот, а кога дошол при свест врз него имало тројца луѓе. За да се извлече морал да ги соблече патиките. До утрото помагал во болницата, а состојбата му се влошила следниот ден, кога бил префрлен во болница и паднал во кома.